На редовната 164. седница на Владата на Република Северна Македонија е утврден Буџетот за 2020 година во согласност со стратешките приоритети на Владата за наредната година како што се, меѓу другото, обезбедување на социјална сигурност и заштита за граѓаните, создавање на поволна деловна клима со политики на соработка со бизнис-секторот, социјалните партнери, заштита на работничките права, недискриминација, зголемена ефикасност, како и поддршка и развој на малите и средни претпријатија, отворање на нови работни места со активни мерки за вработување и зголемување на нивото на платите во економијата, како и интеграцијата во НАТО и започнување и успешно водење на процесот на преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планираат на ниво од 222,3 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 239,7 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,3% од БДП или 17.385 милиони денари во апсолутен износ. Планираниот дефицит е во согласност со Фискалната стратегија на Република Северна Македонија 2020-2022 и ја потврдува силната определба за фискална консолидација, проследена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден значителен фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и инфраструктурни проекти.
фото: Влада