Извонредните македонски оперски уметници со богата меѓународна кариера, Игор и Ана Дурловски, вечерва ќе настапат во рамки на фестивалот „Охридско лето“, заедно со камерниот оркестар „Ајга“, под диригентската палка на Ана Спасовска.
Концертот ќе се одржи на сцената „Долни Сарај“, со почеток во 21 часот.
Басот Игор Дурловски дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисока оценка. На сцената на Македонската опера и балет дебитирал во 1999 година, а потоа учествувал во повеќе од петнаесет нови продукции.
Неговата меѓународна кариера започнала во 2001 година во Виенската камерна опера, а во следните години настапувал во значајни оперски куќи и театри во Германија, Австрија, Кина и Хонг Конг.
Во 2013 година дебитирал во Операта во Лајпциг во Вагнеровата опера „Самовили“, која била изведена и на престижниот фестивал во Бајројт. Настапувал и со филхармониските оркестри во Белград и Москва, како и со Македонската филхармонија, а својата уметност ја претставил во дваесетина држави на повеќе континенти.
Македонската сопранистка Ана Дурловски студиите ги завршила на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а на оперската сцена дебитирала како Лучија во операта „Лучија ди Ламермур“ од Доницети.
Во 2006 година дебитирала во Виенската државна опера како Кралица на ноќта во Моцартовата „Волшебна флејта“, улога што ја изведувала и во Баварската државна опера, Берлинската опера и Германската опера во Берлин.
Била член на оперскиот ансамбл во Мајнц, а потоа и солистка во Државната опера во Штутгарт. За интерпретацијата на главната улога во „Месечарка“ ја добила наградата „Фауст“ за најдобра женска улога, додека списанието „Опернвелт“ ја прогласило за „откритие на годината“.
Во 2014 година дебитирала во њујоршката „Метрополитен“ како Кралица на ноќта, а настапувала и со Берлинската филхармонија, под диригентската палка на сер Сајмон Ратл. Нејзината кариера вклучува настапи во Мадрид, Берлин, Дрезден, Грац, Хамбург, Стразбур и на фестивалите во Бајројт и Брегенц.
Од 2015 година Ана Дурловски е носителка на највисокото државно признание – титулата „Национален уметник на Република Македонија“.
Камерниот оркестар „Ајга“ е формиран во септември 2022 година и во него членуваат истакнати музичари од домашната концертна сцена, предводени од концерт-мајсторката Ева Богоевска. Оркестарот настапува во камерни, гудачки и симфониски состави.
Со концертот ќе диригира Ана Спасовска, добитничка на повеќе меѓународни признанија. Таа во 2024 година била стипендистка на Меѓународниот натпревар и фестивал „Жорж Енеску“, а е дел и од престижната менторска програма „Таки-Алсоп“. Во 2022 година ја освоила првата награда на Меѓународниот натпревар за оркестарско диригирање во Сегед, Унгарија.