“Имаме едно од најголемите светски феномени, ама не знаеме да го цениме“, вели за “Вечер“ Стево Степаноски, сопственик на исклучителната библиотека сместена во подножјето на Плакенската Планина во село со само три жители – Бабино. Иако, за жал, е малку афирмирана, она што ја прави оваа библиотека исклучителна за посетителите, е нејзиниот извонреден и редок книжевен фонд кој брои 20 000 наслови, а тука е и “пасошот“ со кој станувате – нејзин член.

Го запрашавме сопственикот на библиотеката колку членови, всушност, има оваа библиотека во која само за пример се изложени првиот број на Македонскиот правопис, примерок од првото издание на македонскиот Буквар, првиот примерок од книгата на Ванчо Николески, „Волшебното самарче“ и првите изданија на старопечатени книги… Тука можат да се најдат и ретки документи, географски карти и фотографии од Првата светска војна.
“Библиотеката годишно ја посетуваат од 1.500 до 3.500 посетители. Јас сум сега во пензија и најчесто сум таму, па и библиотеката работи постојано. Имаме посетители од целиот свет, од Бразил, Мароко, Хонг Конг, од Египет, а неодамна библиотеката ја посетија од универзитетот во Цирих. Но и од сите делови на Македонија. Кај нас е целиот свет. Но ние не знаеме да ја афирмираме, таква е ситуацијата во културата во нашата земја. Нема средства ниту за конзервација на книгите, за музеологија, иако имаме и етномузеј со 120 етнопредмети. Народни носии, амфитеатар каде реализираме бројни манифестации од сите области, предавања за туризмот, работа со ранливи категории на деца, крводарителни акции. Таков ентузијазам владее“, објаснува Степаноски за вечер.мк.