По вчерашните насилни судири со војниците кои ѝ се верни на владата на Николас Мадуро, опозицискиот лидер Хуан Гуаидо ги повика своите приврзаници на најмасовни демонстрации денеска со цел да се собори власта. Мадуро „нема контрола над воените сили и нема контрола врз венецуелскиот народ“, изјави Гуаидо вчеравечер во видео порака. „Продолжуваме со Операција Слобода. Остануваме на улица сѐ додека не ставиме крај на незаконското владеење“, рече тој.
Вчера се случи бунт во делови од армијата, но не и преврат како што се надева опозицијата.
Венецуелскиот претседател Мадуро во телевизиско обраќање рече дека се работи за „мала група“ која сака „насилство во Венецуела“. Безбедносните сили успешно му ставиле крај на обидот за пуч, рече Мадуро, додавајќи дека армијата му е лојална.
Американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео во интервју за Си-Ен-Ен изјави дека Мадуро бил подготвен да ја напушти Венецуела. „Авионот му беше на писта. Сфативме дека е подготвен да си замине денеска изутрина. Но, Русите му рекле дека треба да остане“, рече Помпео, додавајќи дека Мадуро наводно сакал да замине за Хавана.