Интервју со Венко Бошнаковски, „Македонски Концепт“ - кандидат за листа на пратеници за ИE 3.
Венко Бошнаковски е дипломиран сообраќаен инженер, на отсекот патен сообраќај и транспорт на техничкиот факултет во Битола. Во овој момент работи на раководна позиција во Автошкола, и поседува дозволи за сите возачки категории и сите инструкторски категории. Истовремено, Венко се занимава и со производството и изработка на мебел од секаков вид.
ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?
Венко Бошнаковски: Затоа што МК концепт е издржана трета политичка опција, кон која се приклучуваат чесни и искрени луѓе, кои првенствено ја сакаат својата татковина, и луѓе кои по примерот на промоторот на оваа платформа Петар Богојески, знаат како да се справат со корумпираните процеси, проблемите во судството и јавната администрација. Верувам дека МК концепт има капацитет и знаење во своите редови, и дека ќе распореди вистински професионалци на вистински позиции во државните процеси.
ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?
Венко Бошнаковски: Не. Од 2006 година поседувам членска книшка на ВМРО ДПМНЕ.
ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?
Венко Бошнаковски: Пресудно ќе биде справувањето со митото и корупцијата во секоја пора на политичкиот живот, а посебно во судството. Истовремено, клучно би било и справувањето со проблемите во јавната администрација и реалниот сектор, а каде сметам дека ниеден одговорен раководител не смее да биде платен помалку од 40.000 денари месечно. Само на тој начин, ќе се овозможи чесно раководење и залагање на сите професионални кадри, во насока на понатамошен развој и делување на субјектите, како во стопанството, така и во јавната администрација. Искрено сметам, дека Македонија е нерамномерно развиена во сите подрачја и региони. Со тоа, воведувањето на сет на мерки и дополнителни финансиски повластувања или даночни олеснувања за неразвиените подрачја, ќе биде од огромно значење за адекватен развој и помала миграција на национално ниво, која во овој момент опустошува цели региони во државата.
ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?
Венко Бошнаковски: Да се препознаат, мотивираат и ангажираат чесните луѓе и професионалци во оваа земја, а верувајте ги има многу, а чиј труд знаење и професионализам, етички и морален, да биде правилно искористен во насока на развој на стратегии и проекти за подобро утре на секој граѓанин на Македонија.
ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?
Венко Бошнаковски: Стоп за криминалот и корупцијата присутен во секоја пора на општествено-социјалниот и политичкиот живот во Македонија.
ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?
Венко Бошнаковски: Со личен професионален однос и со искористување на сите лични знаења и искуства од реалниот сектор од каде и доаѓам, а насочени кон консултации и стручна поддршка при формирање на тимови, дизајн на проекти и проектни решенија, како и мотивирање на луѓето кои во нив ќе бидат ангажирани.
ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?
Венко Бошнаковски: За зголемување на личните примања на сите професионални и стручни кадри кои се ангажирани во државната администрација, затоа што лично се водам од девизата - „некој кој што е добро платен, не е поткуплив“. Во насока на овој принцип, ќе се залагам за воведувањето на санкција и казна за сите оние кои ја злоупотребиле својата функција или позиција или во своја лична корист го злоупотребиле тоа право. Секако, кон ова ќе би се надоврзале и иницијативите за подигање на јавната свест и перцепција за транспарентноста, чесноста и моралната платформа на кои што би се базирале овие активности и мерки во секоја област и категорија.
ПОЛИТИКА: Зошто проекти?
Венко Бошнаковски: Проект подразбира тимски ангажман, повеќе стручни лица и тимови кои имаат иста заедничка цел, и кои се мотивирани да реализираат процес кој е квалитетен, уникатен, транспарентен и има почеток и крај.
ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.
Венко Бошнаковски: Македонија сѐ уште во незавидна економска состојба, но со реални индикации за подобрување, пред сѐ поради промените кои се воведуваат. Земја на позитивни луѓе, со позитивна мисла; земја на чесна работа и човечко залагање, каде секој граѓанин ќе настојува да го сочува достоинството, личното и на Државата, и каде секој граѓанин Македонија ќе ја чувствува како своја татковина, како своја мајка. Како земја каде сите ние си ги сакаме своите вредности и огниште, онакво какво што ни е од Бога дадено!
фото:Македонски концепт