Анѓушев и Заев ги завија во црно вработените на „Еурокомпозит“ од Прилеп, помина повеќе од 1 и пол година, а проблемот со „Еурокомпозит“ од Прилеп сè уште не е решен, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Над 300 вработени живеат во агонија откако дојде СДСМ на власт, преживувајќи од ден за ден, не знаејќи што ги чека секој нареден ден. Пред повеќе од 1 година, на 24 октомври лани, Заев се сретна со вработените на ‘Еурокомпозит’ и им вети исплата на заостанатите плати и трајно решавање на статусот на фирмата. Решение нема до ден денес. Пред само 5 месеци на 3 јуни оваа година, Анѓушев повторно ги излажа вработените на ‘Еурокомпозит’, давајќи им лажна надеж дека има заинтересирани инвеститори. Ниту има инвеститори, ниту, пак, се реши случајот, проблемот на над 300 вработени во фабриката сè уште е реален и горлив“, изјави Арсовски.
Денес, за жал, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, погоните не се во функција и се со исклучена струја, а вработените седат дома без работа.