Експлозија на автомобил во Санкт Петербург денеска заврши со една жртва, додека жена која се наоѓала во возилото преживеала, објавуваат руските медиуми.
Според првичните информации на „Известија“, загинал возачот на автомобилот. Весникот, повикувајќи се на неименуван извор, наведува дека тој можеби бил припадник на руската војска.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија тврдења дека вистинската цел на нападот бил висок руски воен офицер. Засега нема официјална потврда за неговиот идентитет, ниту за тоа дали станува збор за намерен напад.
На местото на експлозијата се испратени екипи на итните служби, а надлежните ги истражуваат причините и околностите под кои дошло до детонацијата.
На снимките објавени по инцидентот се гледа автомобил зафатен од пламен, додека делови од возилото се расфрлани по улицата.
Доколку биде потврдено дека во експлозијата бил убиен висок руски воен офицер, тоа би било уште еден случај на ликвидација на припадник на руските безбедносни или воени структури за кој Москва би можела да ја обвини Украина.