Потпретседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Центар, Лазар Банов, денеска преку видео обраќање обвини дека во ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) постојат сомнежи за неправилности поврзани со отпишување долгови во текот на 2024 година.
Според Банов, ревизорскиот извештај покажува дека биле отпишани долгови од физички лица во износ од 2.221.000 денари, како и 912.000 денари долгови на компании, односно вкупно повеќе од три милиони денари.
Тој тврди дека со отпишувањето на овие побарувања, средствата не биле уплатени во буџетот на Општина Центар, а посочи и дека, според ревизорскиот извештај, за овие средства требало да биде пресметан и данок на личен доход во износ од 247.000 денари.
Банов ги повика раководството на ПОЦ и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, да ги објават имињата на физичките лица и компаниите чии долгови биле отпишани.
Во својата изјава, тој изнесе сомнежи дека средствата можеле да бидат искористени за реализација на повеќе проекти од интерес на граѓаните, како изградба на градинки, училишта, реконструкција на улици, паркови, спортски сали и детски игралишта.