Забави во сред пандемија и пораст на бројот на заболени се организираат и во Битола. Со клубски светла и разиграни гости на трубофолк музика, помина вчерашната вечер во угостителскиот објект „Император“. Сите присутни се забавуваа до доцна вечерта, иако, меѓу нив немаше растојание ниту за разминување, а не пак, дистанца од препорачаните два метри. И тука, интервенирал Пазарниот инспекторат, кој затекнал прекршување на протоколите. Инспекторите ќе поднесат кривична пријава и против овој клуб, а судот ќе треба да одлучи колкава казна ќе треба да плати.
Во моментот додека инспекторите интервенирале, дел од гостите го напуштиле објектот. Но, тој продолжил да работи и откако му била поднесена кривична пријава. Директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, веќе најави дека побарал поголеми ингеренции за инспекторите, со цел, сите угостителски објекти кои не ги почитуваат протоколите, да бидат веднаш затворани.