Денес, на 1 февруари, македонската културна јавност одбележува 79 години од раѓањето на Шенка Колозова, актерка чиј глас, лик и сценска појава со децении се врежани во колективната меморија на неколку генерации. Родена во 1947 година во селото Добрево, Пробиштипско, од родителите Стоица и Катерина Станојкови, Колозова уште од најраните години го избра патот на уметноста и раскажувањето како животна мисија.
По дипломирањето на Филозофскиот факултет во Скопје, нејзиниот професионален пат се врзува за театарските сцени во Штип и Куманово, а подоцна и за Македонскиот народен театар во Скопје, каде го заокружи работниот век и од каде се пензионираше. Во 1968 година стапува во брак со Ѓорѓи Колозов, со кого ги добива ќерките Катерина и Кристина, а со кого ќе создаде и едно од најпрепознатливите културни наследства во македонската телевизиска историја.
Зад неа останува импозантен опус: повеќе од 100 премиери, над 6.000 изведби и десетици антологиски улоги во претстави како „Свирачот на покрив“, „За сите мои синови“, „Електра“, „Сè за градината“ и „Печалбари“. Колозова се потпишува и како автор и драматизатор, меѓу кои и обработките на народните приказни собрани од Марко Цепенков, со што дополнително го зацврсти мостот меѓу усното народно творештво и современата сцена.
Играше во бројни телевизиски драми, емисии, филмови и серии, но за публиката засекогаш ќе остане препознатлива како Царицата од „Македонските народни приказни“, култниот серијал создаден заедно со нејзиниот сопруг, кој остави неизбришлив траг во детството и културното воспитување на илјадници деца.
За своето дело е добитничка на бројни награди и признанија, меѓу кои наградата на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во 1971 година, „Гран при“ во 2006, „Св. Јоаким Осоговски“ во 2012, признанието почесен граѓанин на Пробиштип во 2017 година, наградата за животно дело „Васил Иљоски“ во 2020 и наградата за животно дело за Театар „Колозов“ во 2021 година.
На 79-годишнината од нејзиното раѓање, Шенка Колозова останува симбол на посветеност, уметничка истрајност и културна меморија. Нејзините приказни, сцени и ликови продолжуваат да живеат како дел од идентитетот на македонската култура.
Интервју на Шенка Колозова пред шест години: