Драматична снимка од кабината на противпожарно возило покажува низ какви услови минувале пожарникарите додека се бореле со големиот пожар на хрватскиот остров Брач. На видеото се гледа пат целосно опкружен со пламен и густ чад, а видливоста во одредени моменти е речиси никаква.
Пожарникарите од Супетар едвај го забележуваат патот пред себе додека возилото минува меѓу запалена вегетација и дрвја. Снимката предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, а пожарникарите добија пофалби за храброста и ангажманот.
Големиот пожар на Брач избувна на 10 септември во областа Ложишќа. Огнот зафати трева, ниска вегетација, макија и шума, а гаснењето го отежнуваа силниот ветер, густата вегетација и тешко пристапниот терен.
Во текот на ноќта на 12 септември пожарот се прошири кон Милна и заливите Дубока и Осибова, при што беа загрозени луѓе и објекти. Дел од жителите и туристите по морски пат биле префрлени на безбедно, додека пожарникарите успеале да ги одбранат повеќето загрозени објекти.
Пожарот повторно се активирал на 14 септември над Милна. На терен тогаш биле ангажирани 204 пожарникари со 58 возила, како и два „Ер трактори“, а кон Брач биле упатени и два канадери.
Снимката од противпожарното возило најдобро покажува со каква опасност се соочувале пожарникарите при секое минување низ патиштата зафатени од пламен и чад.