По својот солистички концерт, пејачката Зарина Првасевда сподели емотивна објава посветена на Фросина Кулакова, која беше смртно прегазена на Партизанска кај Универзална сала, во која проговори за загубата, неостварените соништа и силата да се продолжи понатаму.
„Кога се сомневам во себеси, во делото, во животот, кога сакам да се откажам од борбата – еден од моите најблиски пријатели ме потсетува на ова: ‘Гробиштата се најтажно место на светот – не само затоа што тоа е вечно почивалиште на ближните што сме ги изгубиле, туку на илјадници неодживеани, недосонувани соништа кои завршуваат таму со нив’“, напиша Првасевда.
Таа додаде дека аплаузот од концертот го посветува на Фросина.
„За еден неодживеан, прерано прекинат сон – овој аплауз се надевам го допре небото и ја прегрна најсветлата ѕвезда на небото таа ноќ, нашата Фросина“, напиша Зарина.
Во објавата изрази благодарност и до семејството Кулакови за можноста да настапи облечена во креација на Фросина.
„Огромна благодарност до семејството Кулакови, кои ми ја дадоа оваа можност за ‘Кадифено’, да бидам облечена во оваа маестрална креација на Фросина, која ми даде поинаква сила и возвишена енергија тој ден“, стои во објавата на Првасевда.