„Here I stand“ е насловот на евровизиската песна со којашто македонскиот претставник Васил Гарванлиев ќе настапи на 65-тото издание на Евровизија во мај во Ротердам, Холандија. Песната е работена според мелодија и текст на самиот Васил, а за аранжманот и продукцијата ќе се погрижат Борче Кузмановски и Давор Јордановски. Видео записот за евровизиската песна го сними Охриѓанецот Борче Димоски.
На спотот работеа Борче Димоски и Ѓорѓи Вацев Снимано е на локации низ Скопје, Даут Пашин Амам и студио FamesProject.
Македонскиот претставник Васил Гарванлиев евровизиската разгледница, ја сними годинава во виртуелно студио во МТВ. Со цел да се избегне патување, организаторите на Евровизија осмислија креативни видео разгледници, во кои секој од учесниците ќе се појави на различни локации во Холандија преку холограм.
Инаку, што се однесува до подготвките на годинашниот фестивал „Евровизија“, организатирите се одлучија на реалистичен пристап, фокусирајќи се во моментов на реализација на сценариото Б, според кое фестивалот ќе се организира според усвоени протоколи за заштита од ковид-19, што подразбира настан со присуство на делегациите во Ротердам, но со примена на социјална дистанца, чести тестирања во арената, редуциран капацитет на публика, кој може да се движи до 80 проценти, во зависност од моменталната состојба и пропишаните закони на локалните власти. За непречено одвивање на шоуто и во услови на неопходни промени во последен момент, секоја национална телевизија мора да обезбеди претходно снимен настап од својот претставник, кој евентуално ќе се искористи во зависнот од потребите на даденото сценарио.