Министерот за здравство, Венко Филипче вечерва на прес-конференција од својот дом изјави дека денеска од Инфективната клиника заминале 5 оздравени пациенти. Тој кажа дека оздравени се уште 18 луѓе кои се лекувале во домашни услови. Министерот потенцираше дека во изминативе 24 часа починал човек на возраст од 50 години од околината на Струга.
„Бројот на заболени не треба да изненадува, ова е бројката на пациенти која ја очекуваме, имајќи в предвид дека одиме кон пикот“, рече Филипче.
Министерот потенцираше дека не биле инфромирани дека дел од членовите на Кризниот штаб на Куманово, вклучително и градоначалникот, чекале резулатите за корона вирус.
-Ние немавме информации дека на дел од Кризниот штаб им биле земени брисеви и се чекаат резултати. Да го знаевме тоа, поинаку ќе постапевме. Сепак, знаејќи дека одиме во таков регион, сите носевме маски. А, зошто не сме биле известени, одговорот треба да го барате од присутните таму, рече Филипче.
-По анкетата спроведена од епидемиолозите констатиравме дека мали се шансите да се заразиме со корона вирус, сите кои присуствувавме вчера во Куманово, со оглед на тоа што носевме заштитни маски и ракавици, но овие денови ќе работам од дома – рече Филипче.
Филипче додаде дека тестирани се десетина трудници кои се на Гинеколошко акушерската клиника, и тие се негативни.
За притвореникот во затворот во Шутка кој почина, министерот изјави дека тестот бил негативен.
https://www.facebook.com/VladaMK/videos/581960339083836/?v=581980725748464¬if_id=1587060845119646¬if_t=live_video
фото: PRTSC