Долги колони возила, чекање од над еден час и половина и револт кај возачите – така изгледа утрово влезот во Охрид, откако беше воведен посебен сообраќаен режим поради работната посета на албанскиот претседател Бајрам Бегај.
Според информации од терен, сообраќајот е значително успорен на влезната точка на Охрид, каде се врши контролирано пропуштање на возила, а во одредени интервали и целосно стопирање на сообраќајот заради безбедносни процедури.
„Веќе 70 минути стоиме во место. Никој не објаснува ништо. Луѓето се нервозни, има и деца и стари лица во колите. Надвор е 40 степени“, вели за „Скопје1“ еден возач заглавен на влезот.
Полицијата е присутна со засилени патроли.
Албанскиот претседател Бегај ќе престојува во Охрид како дел од неговата работна посета на Северна Македонија, при што се предвидени средби со државниот врв, како и посета на културно-историски објекти.