Вкупно 39 политички партии оваа година добија пари од буџетот согласно новиот Закон за финансирање на политичките партии. Исплатени се 4.583.000 евра, а дополнително треба да се распределат уште 319.800 евра за партиско – аналитички центри.
ИРЛ податоците ги доби од Министерството за правда.
Најмногу пари од државната каса им се поделија на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија доби 1.180.000 евра, а најголемата опозициска партија 1.025.000 евра. На третото место според исплатената сума е партијата на Ахмети ДУИ со 441.000 евра, а далеку зад нив се БЕСА со 255.000 евра и Алијанса на Албанците добила 245.000 евра.
Од колачот добиле и помали партии кои во најмногу случаи се дел од коалициите со големите политички партии и освоиле повеќе гласови односно повеќе пари од буџетот. Има и такви кои на последните локални избори настапија самостојно, па добиваат пари согласно процентот на гласови кои ги добиле.