По 13 години на телевизија, сатиричната емисија „24 минути со Зоран Кесиќ“ остана без термин на телевизијата Нова С, но Кесиќ тврди дека одлуката има политичка заднина. Новата сезона сепак започна во саботата навечер на YouTube, со поддршка од бројни јавни личности од Србија и Хрватска.
Одлуката следува по сопственичките промени во Adria News Network (ANN). Alpac Capital и United Group на крајот на мај објавија договор за продажба на ANN, мрежа во која, меѓу другите, се наоѓаат N1, Нова С и „Данас“.
Новиот менаџмент заминувањето на емисијата од телевизијата го образложи со високите трошоци и послабиот комерцијален ефект, наведувајќи дека „24 минути“ годишно чинела повеќе од половина милион евра за помалку од 30 часа програма.
Кесиќ го отфрла тоа образложение.
„Не ги чиневме сопствениците 500 илјади по сезона, дебело лажеа“, вели Кесиќ.
Кесиќ и неговиот тим одлуката ја поврзуваат со политичката ситуација во Србија и со фактот дека претседателот Александар Вучиќ и власта со години биле честа мета на сатиричните прилози во емисијата.
Станува збор за тврдења на Кесиќ и неговиот тим, додека сопствениците на медиумската куќа како причина за прекинот ги наведоа економските показатели и трошоците за производство.
„Колку и да е непријатно да останеш без работа, ќе остане запишано дека група млади луѓе толку сериозно ја сатиризираа власта што нашиот збор стана премногу опасен за една автократија“, изјавил Кесиќ.
Тој особено го истакнува моментот во кој емисијата останала без телевизиски термин.
„Фактот што сме тргнати токму во пресрет на пресудните избори во Србија најдобро зборува за природата на одлуката на новите сопственици“, рекол Кесиќ за „Index.hr“.
Деловните причини тој ги нарекол изговор за политичка цензура, додека ANN својата одлука ја образложи со економски показатели и трошоците за производство на емисијата.
Одлуката предизвика реакции и надвор од редакцијата. Во Белград на 10 септември се одржа собир за поддршка на Кесиќ и екипата на „24 минути“, на кој повикаа новинарски и медиумски организации.