Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министрите за внатрешни работи и за транспорт и врски, Оливер Спасовски и Благој Бочварски, денеска го посети ИКТ-центарот за чување и заштита на податоци и закрепнување од катастрофи во Прилеп.
[embed]
Вкупната инвестиција е речиси 11 милиони евра, средства обезбедени преку ИПА-програмата и со буџетски средства на Министерството за внатрешни работи. Се работи за објект со најсофистицирана опрема, по највисоки безбедносни стандарди, што го прави овој ИКТ-центар прв од ваков вид во регионот изграден за потребите на државата.
[embed]
„Денеска сме овде, во посета на еден од нашите најзначајни инфраструктурни капитални проекти – Центарот за чување и заштита на податоци и закрепнување од катастрофи во Прилеп. Со големо задоволство сакам да истакнам дека овој ИКТ-центар е од витално значење за државата бидејќи со неговото основање и оформување како целина обезбедуваме долгорочна заштита на податоците на граѓаните, а со тоа и трајна заштита на нашиот безбедносен систем.
На почетокот сакам да истакнам дека се работи за еден исклучително современ, софистициран објект, кој е со сите потребни нивоа на заштита и кој може да обезбеди услуги не само за МВР туку и за другите државни институции во Северна Македонија. Сакам исто така да упатам и благодарност до ЕУ, која ја препозна потребата Северна Македонија да се заштити од сите можни влијанија“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

„Проектот е вреден речиси 3,4 милиони евра, средства обезбедени преку ИПА-програмата, и дополнително буџетски средства на Министерството за внатрешни работи. Или вкупната инвестиција до целосна функционалност на објектот изнесува 11 и пол милиони евра. Се работи за најсофистицирана опрема, по највисоки безбедносни стандарди, што го прави овој ИКТ-центар прв од ваков вид во регионот изграден од државна институција за потребите на државата.
Со ИКТ-центарот обезбедивме трајна инвестиција за зачувување на податоците од примарниот информатички систем во случај на можни природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор.
Како Влада сме посветени да одговориме на современите предизвици, пред сѐ, сајбер-безбедноста и злоупотребите во интернет-сферата, кои може сериозно да ја загрозат националната, регионалната и меѓународната безбедност. Затоа вложуваме во реализацијата на вакви големи проекти со кои покажуваме дека сме во чекор со светските безбедносни трендови.
Кога сме кај капиталните проекти, ќе потсетам дека пред еден месец го пуштивме во употреба новиот објект за форензички испитувања, кој е најголем во регионот и прв од ваков вид.
Првпат во историјата на службата за форензички испитувања во државата ги унапредуваме условите за работа на припадниците на МВР, со обезбедување современи објекти, со современа опрема ја обезбедуваме работата на полицијата, на судските и на обвинителските органи, со што истрагите ќе бидат поквалитетни“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.