На социјалните мрежи објавени снимки од надзорни камери, на кои се гледа како непознато лице демне по дворови Еди згради. Објавувачот тврди дека лицето е манијак кој во неколку наврати сексуално вознемирувал жители на Влае.
Една од жртвите е Елеонора Стојановиќ која воедно е и администраторската на групата „Манијак во Влае“. Таа за „А1он“ вели дека го затекнала дечкото како стоел на портата од нејзиниот двор, избегал по нејзината реакција, па повторно се вратил. По нејзиното сведоштво, снимки испратила и друга жена, која била демнета пред зградата во која живее.
„Случајот е пријавен веднаш во МВР и на местото пристигна тим кој уредно зема изјава, остана некое време со мене на улица и ме информираше дека веќе има испратено кола која патролира по населбата. Следниот ден се обратив кај комшиите кои имаат видео камери да пробаат да најдат нешто од претходната вечер. Последните две видеа на кои јасно се гледа што прави лицето по дворовите и како бега ги поставив на групата што ја направив на ‘Фејсбук’ за да ги информирам луѓето од Влае да внимаваат периодов, односно да знаат што се случува и да пријават доколку приметат нешто сомнително. Утре ќе налепам и плакати по маало, затоа што сакам да знае дека следниот пат кога ќе се појави нема да помине непримерно и дека луѓето знаат што прави и дека ќе го следат секој негов потег!“, вели Стојановиќ, за А1 ОН.
Од МВР велат дека полицијата работи на расчистување на случајот.