Стотици маскирани мажи облечени во црно во саботата ги блокираа сообраќајниците во Довер, протестирајќи против пристигнувањето мигранти со мали чамци преку Ламанш. Блокадата предизвика сериозен сообраќаен метеж околу едно од најважните британски пристаништа за траектен сообраќај.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат поголем број мажи во црна облека и со маски на лицата како ги блокираат сообраќајниците и кружните текови во близина на пристаништето. Демонстрантите барале да се запре пристигнувањето на мигранти со мали чамци од Франција во Обединетото Кралство.
Локалниот советник Крис Винсон изјави дека протестот изгледал координирано и дека учесниците пристигнале со изнајмени комбиња. Според него, тие немале транспаренти или плакати.
Поради блокадата, голем број луѓе останале заглавени во сообраќајот, а дел од работниците во пристаништето по завршувањето на ноќната смена не можеле да го напуштат подрачјето поради страв за нивната безбедност.
„Не сум запознаен со тоа дека имало насилство, но кога патот ви го блокираат мажи во црна паравоена облека и со маски на лицето, тоа е исклучително застрашувачко“, изјави Винсон.
Полицијата во Кент соопшти дека е запознаена со протестот и дека полициски службеници се на местото на настанот и разговараат со демонстрантите.
Пристаништето Довер соопшти дека инцидентот влијаел врз сите сообраќајни правци кон пристаништето и од него, како и врз сообраќајот во градот. Националната агенција за автопатишта известила за колони долги околу 6,4 километри на локалните патишта, со доцнења до 45 минути.
Траектниот сообраќај, сепак, не бил прекинат. Компаниите P&O Ferries и DFDS им соопштиле на патниците кои поради сообраќајниот метеж ќе го пропуштат својот термин дека ќе бидат префрлени на следното достапно патување. Пристапот до пристаништето постепено бил обновен во текот на претпладнето, по што сообраќајот почнал да се нормализира.
Протестот наиде и на политички осуди. Пратеникот од Лабуристичката партија за Довер и Дил, Мајк Тап, изјави дека е во контакт со полицијата и ги критикуваше демонстрантите поради предизвикувањето сообраќаен хаос. Тој истакна дека, според официјалните податоци, бројот на пристигнувања на мигранти со мали чамци е во опаѓање.
Според податоците на британскиот парламент, во годината до крајот на јуни 2025 година со мали чамци во Обединетото Кралство пристигнале околу 33.000 луѓе, што претставува околу 88 отсто од сите регистрирани недозволени пристигнувања во земјата.
Британското Министерство за внатрешни работи го осуди однесувањето на демонстрантите и нарушувањето на сообраќајот, но истовремено потсети дека правото на мирен протест е основно демократско право.
Довер е главната британска траектна врска со Франција и една од најзначајните влезни точки во земјата за патничкиот и товарниот сообраќај преку Ламанш.