Во необична сцена во англискиот град Норвич, 25-годишен маж облечен како Бетмен тргнал во потера по крадец кој на жена ѝ ја украл чантата, а подоцна успеал да ја пронајде и да ѝ ја врати.
Сони Мејсон бил на маскенбал кај пријатели, облечен во костим на Бетмен, кога забележал како по расправија пред еден ноќен клуб ѝ била украдена чантата на жена.
Тој веднаш тргнал по осомничениот, а во потерата му се придружиле и други лица маскирани како стрип-јунаци, меѓу кои Мистер Фантастик и Отровната Ајви.
На патот наишле и на полицајци, кои ги запреле за да им објаснат што се случува. Осомничениот набргу бил стигнат, но чантата веќе не била кај него.
По дополнителна потрага, чантата била пронајдена на околу 300 метри од местото каде што била украдена, оставена на врвот на висок ѕид во близина на катедралата во Норвич.
Имало и неуспешен обид чантата да биде симната со ролна тоалетна хартија, по што Мејсон, сè уште во костимот на Бетмен, се качил на ѕидот и ја зел.
Чантата ѝ била вратена на сопственичката, а според Мејсон, ништо од нејзината содржина не недостасувало. Голем дел од случувањата бил снимен и објавен на неговиот профил на „ТикТок“.
Мејсон, кој е од Лондон и работи во кафуле, изјавил дека се надева оти неговата постапка ќе ги инспирира луѓето да им помагаат на другите.
„На секого му треба малку Бетмен во себе. Треба да бидете храбри, смели и љубезни. Се надевам дека и другите би го направиле истото, без разлика дали носат наметка или маска“, рекол тој.