Над педесетина полициски возила се поставени на паркингот на Спортскиот центар Борис Трајковски, со вклучени ротирачки светла, а присутни се и повеќе полициски службеници. Неофицијално, за време на полицискиот час додека улиците на Скопје се празни, пред платото на салата се снима спот од страна на Министерството за внатрешни работи. Нема информации за која намена и по чија наредба се снима спотот, но и која е итноста за негово снимање во сред пандемија со коронавирусот, објави А1 ОН.
Со оглед дека во спотот се вклучени повеќе видови на возила со кои располага МВР, останува непознато, дали и хеликоптерот кој се преврте откако наполнил гориво, требало да учествува и во снимањето на спотот за МВР или само имал тренажен лет како што објави техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев.