Идентификувани се лицата кои се превезувале со пацинетката која има коронавирус и веќе вечерва тие ќе бидат ставени во домашна изолација, односно ќе бидат под полициски надзор. Но, сеуште не се знае со кого останатите лица кои биле во комбето со пациентката која е заболена од коронавирус, комуницирале во текот на денот. Дел од нив се во Скопје, а дел во Струмица.
„Заболената пацинетка е добра. Се наоѓа во добра општа состојба. Има лесна форма на болеста, зафаќање само на едното белодробно крило. Идентификувани се сите патници кои биле со неа. 8 патници и 1 возач. Тие се идентификувани на едно место во Скопје и три места во Струмица. Екипи на епидемиолози се на терен за да се направи соодветната анкета за да се дознаат податоци со кои се лица овие патници комуницирале во текот на денот. Најпрво, вечерва, сите ќе останат домашна изолација под полициски надзор. Дополнително ќе се утврди дали ќе останат во домашна изолација или пак, ќе бидат испратени во изолираните клиники“, вели Филипче.
Пацинетката заболена од коронавирус не кажала точни податоци на граничниот премин Табановце, каде била прашувана за здравствената состојба.
„Со сите е контактирано телефонски, знаеме каде се наоѓаат останатите лица. Тест нема да им се направи, бидејќи тој може да биде лажно негативен. Затоа е овој период на инкубација, односно надзор. Ќе се прати состојбата, па доколку имаат симтоми ќе се направат тестови. Најмалку 14 дена ќе бидат во изолација“, додава Филипче.