Сопругата на Андреј од ДНК, Наталија Ѓорѓиеска, во емотивно сведоштво во „Претрес“ зборуваше за неговиот карактер, пожртвуваноста и желбата секогаш да им помага на другите.
Таа истакна дека, познавајќи го Андреј, верува дека и доколку успеал да се спаси, тешко ќе можел да се помири со загубата на толку многу човечки животи.
„Познавајќи го Андреј, мислам дека не би можел да премине преку тоа, преку шеесет луѓе да загинат, а тој да биде меѓу преживеаните. Едноставно мислам дека самиот тој не би можел да продолжи да живее со таква болка“, рече Ѓорѓиеска.
Таа упати порака неговото дело и неговиот лик никогаш да не бидат заборавени, нагласувајќи дека Андреј секогаш бил подготвен да помогне, без разлика дали станувало збор за финансиска помош, поддршка или едноставно присуство во тешки моменти.
„Тој не можеше да седи мирен. Чувствуваше одговорност и должност да помогне. Таков беше и во нашето семејство – секогаш гледаше мене и Јана да нѐ стави на пиедестал, а самиот остануваше во позадина“, истакна таа.
На прашањето дали некогаш помислила дека токму оваа негова карактерна особина би можела да го чини живот, Наталија призна дека никогаш не помислила на тоа, но додаде дека по трагедијата не била изненадена од начинот на кој постапил Андреј.
„Не би помислила никогаш. Но, откако се случи, не бев изненадена“, рече таа.