Стриминг платформата Нетфликс претстави нов документарен серијал наречен „Инстадокс“, чиј концепт е да ги обработува најактуелните криминални случаи и контроверзии додека тие сè уште се развиваат пред очите на јавноста.
Првата епизода е достапна од 30 мај и се фокусира на неочекуваниот пресврт во случајот на Алекс Мердог, чија пресуда за двојно убиство беше поништена во мај годинава.
Нетфликс веќе изгради репутација со документарци за вистински злосторства, како „Верувај ми: Лажниот пророк“, „Измамникот од Тиндер“, „Не задевај се со мачки“ и „Кралот на тигрите“, но новиот проект носи поинаков пристап.
За разлика од традиционалните документарни продукции кои се подготвуваат со години, „Инстадокс“ има за цел речиси во реално време да ги анализира најголемите судски процеси, кризи и културни настани што ја привлекуваат светската јавност.
Зад серијата стои тим предводен од продуцентите Џош Тиранџиело, Конор Шел и шоуранерот Стив Јакин, кои претходно работеа на повеќе успешни документарни проекти.
Првата епизода го обработува случајот на адвокатот Алекс Мердог од Јужна Каролина. Неговата пресуда за двојно убиство беше поништена од Врховниот суд на државата на 13 мај 2026 година, по обвинувања дека поранешната судска службеничка Беки Хил влијаела врз поротата за време на судењето.
Мердог сега ќе добие ново судење, кое би можело да се одржи во текот на следната година.
Триесетминутната епизода вклучува разговори со главниот обвинител на Јужна Каролина, Алан Вилсон, основачите на платформата „Трајал Вочерс“, како и со поранешни поротници, меѓу кои и Мајра Крозби.
Како припадник на четвртата генерација адвокати во своето семејство, Мердог со години беше во центарот на бројни скандали. Меѓу нив се и трагичната несреќа со чамец во која учествувал неговиот син Пол Мердог, како и обвиненијата за финансиски измами поврзани со клиенти и семејната адвокатска фирма.
Во јуни 2021 година, Мердог пријавил дека ги пронашол својата сопруга Меги Мердог и синот Пол застрелани. Подоцна истрагата го посочи токму него како главен осомничен, а во 2023 година беше осуден за двете убиства и за употреба на оружје при извршување на кривичното дело.