Пејачот Бојан Стојков, кого публиката го памети од музичкото шоу „Идол“, гостуваше во емисијата „Нешто конкретно“, каде искрено зборуваше за својата голема физичка трансформација.
Стојков откри дека уште од детството се борел со вишок килограми и дека во еден период достигнал и до 100 килограми. Неговите навики во исхраната, како што призна, биле екстремни – знаел на еден оброк да изеде и до 100 ќебапи и три кременадли.
„Од секогаш бев дебело дете. На сцена бев статичен, а денес можам да им парирам и на балерините“, изјави Стојков.
Денес неговиот животен стил е сосема поинаков. Тој тренира и по два часа дневно во теретана и строго се придржува до режим на исхрана. Како што откри, дури седум месеци немал ниту едно отстапување од диетата.
Толку голема промена првично предизвикала загриженост кај луѓето околу него.
„Прво мислеа дека сум болен, па прашуваа што се случува. Сега веќе ми пишуваат и ме прашуваат како успеав“, рече Стојков.
Во разговорот низ шега призна дека по трансформацијата се подобрил и неговиот приватен живот.
Епизодата помина и во хумористичен тон, па на прашањето колку е убав „од еден до Бред Пит“, Стојков одговори: „Во темно многу личам на него.“
Водителката Снеже Велков пак на почетокот од емисијата низ смеа истакна дека сега двајцата имаат ист обем на струкот.