Денешното рочиште во Апелационен суд Скопје, закажано по жалбите во предметот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, е одложено и ќе се одржи на 11 мај.
Причина за одложувањето е здравствената состојба на обвинетиот Боре Видевски, кој во моментот се наоѓа на болничко лекување.
На седницата требаше да се разгледуваат жалбите поднесени од Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, кои се осудени на доживотен затвор за киднапирањата и свирепите убиства. Тие бараат укинување на првостепената пресуда и повторување на постапката пред Кривичниот суд.
Жалба има поднесено и Обвинителството, но во однос на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски.
Според првостепената пресуда, обвинетите добија по 10 години затвор за грабнувањата, а доживотен затвор за убиствата, при што судот утврди дека делата биле извршени по претходен план и со намера за изнуда на пари.