Поради отсуство на тројца адвокати, денес беше одложено судењето против членовите на криминалната група позната како клан Беланоца/Барон. Како што информира судот, еден од адвокатите бил на одмор, друг поради здравствени причини, додека третиот воопшто не доставил известување за своето отсуство, што го спречи започнувањето на процесот.
На обвинителна клупа се најдоа девет лица, меѓу кои и наводните лидери на кланот – Фатум Ајети Тоте и Акив Рахмановски. Дел од нивните бранители веќе предложија докази за, како што тврдат, да докажат дека нивните клиенти не се вмешани во делата за кои се обвинети.
Според обвинителниот акт, групата се товари дека организирано извршила осум убиства, меѓу кои и двојното убиство во Шиша Бар, во кое животот го загубија двајца припадници на кланот Дуќанџиќ од скопската населба Грчец – група која важи за ривал на Беланоца/Барон во подземјето на главниот град.
Покрај убиствата, на обвинетите им се ставаат на товар и дела како закани, палење автомобили, трговија со дрога, како и шверц на оружје.