,,Граѓанската иницијатива Ние за благосостојба на животните/We for Animal Welfare поднесе кривична пријава против две лица од с. Пепелиште, откако на социјалната мрежа Инстаграм се појави видео на кое се гледа како НН лице, грубо и насилно, фрла кучиња во реката Вардар. Во кривичната пријава беше наведено дека „ваквите дејствија се крајно нехумани и се спротивни на природата и потребите на кучињата како вид, факт кој може да потврди и вешто лице од областа", а воедно овие факти се и научно поткрепени со Кембричката декларација за свесност на животните, донесена на 7 јули 2012 година, како и со член 2 од Законот за заштита и благосостојба на животните“.
Основното јавно обвинителство Кавадарци, преку јавниот обвинител м-р Ненад Јосифов, без да консултира вешто лице, да ја консултира науката, ниту да ја искористи здраворазумноста при ценењето на фактите, во допис III.РО.бр.348/23 доставен на ден 26.08.2024 година не извести дека кривичната пријава против овие лица е отфрлена поради тоа што „не се утврдило никакво грубо злоупотребување или изложување на било какви маки или пак нанесување на болки... поради што нема елементи на кривичното дело „Мачење животни“ од член 233, став 1 од КЗ, ниту на друго кривично дело кое се гони по службена должност.“
И покрај тоа што казната за ова кривично беше зголемена со последните измени на Кривичниот законик, со цел да се дестимулираат ваквите дејствија, со непокренувањето обвинение, јавниот обвинител м-р Ненад Јосифов, напротив ги охрабрува и одобрува ваквите монструозни акти, со што ја подрива децениската борба и заложби на здруженијата за заштита на животните и активистите за конечно да почне да се санкционира насилството према животните.”, велат од Граѓанска иницијатива ,,Ние за благосостојба на животните”.