Над 120 куќи се уништени, а илјадници остануваат загрозени во разорните шумски пожари што беснеат во југоисточниот дел на САД, особено во сојузната држава Џорџија, каде властите водат битка со огнената стихија која сè уште не е ставена под контрола.
Според информациите, еден од најголемите пожари во округот Брантли уништил најмалку 87 куќи, што се смета за најголема материјална штета од еден пожар во историјата на оваа држава. Дополнителни 35 домови изгореле во друг голем пожар што зафатил области блиску до границата со Флорида.
Истражителите се сомневаат дека пожарот во Брантли бил предизвикан од фолиран балон кој, носен од ветерот, дошол во контакт со електрични водови, предизвикувајќи краток спој и искра што ја запалила сувата вегетација. Вториот голем пожар, пак, најверојатно избувнал при заварување на врата на приватен имот.
Пожарите се шират со огромна брзина поради комбинација од екстремна суша, силни ветрови и голема количина суво дрвје, останато по ураганот Хелена во 2024 година. Во Џорџија, огнот зафатил површина од над 129 квадратни километри, а само 15 проценти од еден од пожарите е ставен под контрола.
Властите издале наредба за евакуација на околу 4000 домови, додека пожарникарите се борат со повеќе од 150 активни пожари низ Џорџија и Флорида. Димот веќе предизвикува предупредувања за квалитетот на воздухот и во подалечни области.
Иако засега нема жртви во Џорџија, трагедија се случи во Флорида, каде доброволен пожарникар починал откако колабирал за време на гаснење пожар.
Гувернерот Брајан Кемп предупреди дека пожарите во моментов не можат целосно да се изгаснат, туку само да се ограничуваат, додавајќи дека ќе бидат потребни обилни врнежи за ситуацијата да се стави под контрола. Според проценките, потребни се меѓу 200 и 250 милиметри дожд за целосно гаснење, додека прогнозите најавуваат сушен период до јули.
Пожарникарите во меѓувреме се фокусираат на заштита на домовите, расчистување на сувата вегетација и создавање противпожарни коридори, додека граѓаните кои останале без своите домови сведочат дека изгубиле сè, но се благодарни што успеале да се спасат.