Од некогашната зелена ризница на Преспа – Паркот на природата „Езерани“ – останаа пепел, чад и длабоки последици. Последниот силен пожар што беснееше на 20 и 21 јули 2025 година зафатил површина од над 500 хектари, нанесувајќи огромна штета врз живиот свет, квалитетот на водата и животната средина на локалното население – предупредува Македонското еколошко друштво (МЕД).
„Во текот на месец јули, во неколку наврати избувнуваа пожари во Паркот на природата ‘Езерани’. Пожарот кој се случи на 20 и 21 јули беше со најголем интензитет и предизвика огромни последици врз квалитетот на живот на локалното население, биолошката разновидност, како и квалитетот на водите од Езерото. Пламените јазици проголтаа над 500 хектари површина, главно природа која треба да биде гордост во претставување на нашите природни вредности пред светот,“ соопштија од МЕД.
Во изминатите денови, нивен тим предводен од Лазар Николов изврши детална анализа на терен, при што е утврдено дека се изгорени:
околу 200 хектари трска
над 160 хектари шуми и галерии од врби и тополи
приближно 100 хектари ливади
околу 30 хектари шуми од евла
околу 15 хектари земјоделски насади и овоштарници
10 хектари преодни вегетациски типови во крајбрежниот појас на езерото
„Нашите првични согледувања на терен се дека околу 50% од зафатените површини од шуми и овоштарници се целосно уништени. За да се добие перцепција за сериозноста на ситуацијата, можеме да истакнеме дека скоро половина од копнената површина на Паркот на природата ‘Езерани’ настрада во овој пожар, предизвикувајќи штети во вредност од милиони евра.
Сакаме да истакнаме дека Паркот на природа ‘Езерани’ е прогласено за заштитено подрачје од IV-та катергорија според Закон за заштита на природа, согласно критериумите на Меѓународниот сојуз за заштита на природа (IUCN), а според нашите согледувања ‘Езерани’ претставува национално и светско природно богатство со кое треба да се гордее целата држава.
Искрено жалиме за целата настаната штета која ја претрпе Преспа и се обврзуваме дека и во иднина ќе продолжиме да работиме на подигање на јавната свест за значењето на природата,“ – изјави Лазар Николов од Македонското еколошко друштво.
Од управата на Паркот „Езерани“ потсетуваат дека во минатото имало неколку помали пожари, особено во периодот февруари–април, кога вегетацијата е во слаба развиеност и полесно може да се контролира огнот. Но, велат тие, пожар од ваков обем и интензитет во летниот, екстремно сушен период, досега не е забележан.
„Во годините наназад, во и околу паркот, се сведоци на предизвикани пожари од помали размери кои се карактеристични во периодот февруари-април кога вегетацијата е многу слабо равиена, претставувајќи олеснителна околност при осмислување стратегии и тактики за брзо спречување на ширењето на пожарите. Меѓутоа, во ваков сушен период од годината, со толку многу лесно и брзо горлива вегетација, пожар од ваков интензитет и размери е незапаметен,“ – стои во нивното соопштение.