Само неколку часа откако МВР соопшти дека по допрен глас го расчистува случајот со видеото на кое се гледа пукање со огнено оружје на семејна веселба во гостиварското село Добридол, полицијата изврши претреси на повеќе локации, приведе шест лица, едно лице повика на службен разговор и пронајде оружје и муниција.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека денеска (01.08.2026) полициски службеници од СВР Тетово постапувале по објавената снимка на социјалните мрежи, при што биле извршени претреси во селото Добридол.
Во 18:00 часот бил извршен претрес кај И.С. (21), а пет минути подоцна и кај А.И. (30), при што бил пронајден и одземен еден гасен пиштол. Во исто време бил извршен претрес и кај И.Б. (25).
Во 18:15 часот полицијата извршила претрес во домот на Б.А., при што биле пронајдени 30 куршуми за гасен пиштол, а во дворот биле пронајдени 27 испукани чаури од гасен пиштол и еден патрон за ловно оружје. Од слобода биле лишени Б.А. (46) и неговиот син М.А. (21).
Десет минути подоцна, во 18:25 часот, бил извршен претрес кај Т.М. (26), при што биле пронајдени и одземени еден пиштол со осум куршуми, една ловна пушка со седум куршуми и еден гасен пиштол. Тој бил лишен од слобода, додека С.М. бил повикан на службен разговор.
Сите лица се приведени во полициска станица за понатамошна постапка.
Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични и други пријави.
Случајот беше отворен откако на социјалните мрежи беше објавена снимка од семејна веселба во Добридол, на која се гледа како повеќе лица пукаат со оружје. Претходно, МВР соопшти дека за настанот немало пријава, но дека полицијата презела мерки по допрен глас за идентификување на учесниците и расчистување на случајот.