Силно невреме попладнево го зафати преспанското село Љубојно. Поплавени се делови од куќи, дворови и улици, а земјениот пат кон шумата е дополнително оштетен.
Жителите сведочат дека дождот паѓал околу 40 минути, од кои половина час бил проследен со интензивни врнежи, а околу 20 минути со големи зрна град. Водата го раскопала патот кој, како што велат, веќе бил нарушен од камионите што превезуваат дрва од шумата.
„Денес и природата си го кажа своето – шумата е нашиот најсилен штит. Таа го спаси Љубојно. Затоа мора да се сфатат последиците од одлуките што се носат далеку од реалноста. Ако не се преиспитаат, утре може да биде доцна – за нас, за Преспа, за Македонија“, напишаа мештаните на социјалните мрежи.
Жителите веќе седум дена протестираат за да ја запрат сечата кај манастирот над селото. Тие предупредуваат дека токму шумата ги брани селото и Преспа од поплави и ерозии, и оти без неа последиците од вакви невремиња би биле далеку поголеми.
Од Владата, пак, објаснија дека станува збор за регуларна сеча на нискостеблен даб во одделите 29 и 30 на шумско-стопанската единица „Пелистер – Брајчино“.
„Дабот има сечна зрелост согласно сите научни принципи. Оваа сеча е само една од стотиците во Македонија, спроведена по закон и со целосна контрола. Направен е премер од стручни лица, изготвен е план рецензиран од комисија, кој е одобрен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, велат од Владата.