Поранешниот пејач и вицешампион на „Икс Фактор Адрија“, Боби Мојсовски, јавно порача дека нема намера да се врати на музичката сцена, реагирајќи на, како што вели, честите коментари и притисоци од луѓе кои го убедуваат повторно да почне да пее.
Мојсовски, кој е победник на Гран при на „Славјански базар“ во 2012 година и учесник на македонскиот избор за Песна на Евровизија во 2011 година, вели дека и по осум години откако целосно ја напуштил музиката, сè уште добива исти пораки.
„Искрено ми смета што и ден-денес, после цели 8 години откако не се занимавам со музика ама воопшто, ми пишуваат или ме застануваат случајни луѓе кои не ги ни знам и првата реченица секогаш им е: „Многу си се поправил“. А веднаш по таа реченица почнуваат ненормално да напнуваат и да притискаат: „Врати се во музиката. Пеј. Грешка направи!““, напиша Мојсовски.
Тој нагласува дека одлуката да стави крај на музичката кариера е одамна донесена и нема намера да ја промени.
„Сакам еднаш засекогаш да расчистиме една работа. Тој Боби, пејачот, веќе го нема. Конечната одлука ми е донесена одамна, многу одамна, тој живот го оставив во минатото, скроз го заборавив и немам апсолутно никаква намера некогаш да се вратам“, вели тој.
Според него, денес е сосема поинаква личност и не го интересираат туѓите мислења за неговиот изглед, убедувања или животен пат.
„Ова што сум сега е баш тоа што го сакам, што максимално ме исполнува, 100 проценти се пронаоѓам, го работам тоа што го сакам и што многу добро ми оди“, додава Мојсовски.
Тој открива дека денес целосно е посветен на развој на видеоигри и претприемништво.
„Сега сум full-time game developer, 1000 проценти фокусиран на мојата фирма, градење игри, 3D моделирање, дигитална уметност и претприемништво“, наведува тој.
На крајот порача дека со задоволство разговара за развој на видеоигри, програмирање, дизајн, криптовалути, акции и кариерен развој, но не и за враќање на музичката сцена.
„За сè останато, имајте убав ден“, завршува Мојсовски.