Најавениот протест пред ЈП „Комуналец“ во Гостивар, кој требаше да се одржи денеска во 11 часот по повик на Граѓанскиот форум Гостивар, не се реализираше.
Иако преку јавно соопштение беше упатен повик до граѓаните да се приклучат на протестот, на местото на настанот, според информациите, се појавиле помалку од десет лица, поради што не се одржал организиран протест.
На локацијата немало организатор, ниту обраќања до јавноста.
Пред просториите на јавното претпријатие биле распоредени полициски службеници, а присутни биле и новинарски екипи, кои за најавениот протест биле информирани преку објави на социјалните мрежи.
Протестот беше најавен во период кога Гостивар се соочува со епидемија на гастроентеритис, а надлежните институции спроведуваат истрага за загадувањето на водата за пиење. Во рамки на истрагата денеска беа приведени три лица од ЈП „Комуналец“ – Гостивар.