Државната изборна комисија на денешната седница го усвои Јавниот повик за проверка на податоците во Избирачкиот список за избор на Претседател на Република Северна Македонија, 24 април 2024 и пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 08 мај 2024 година.
„Државната изборна комисија ги известува сите граѓани на Република Северна Македонија дека јавниот увид на податоците во избирачкиот список ќе започне на ден 28 февруари 2024 година и истиот ќе трае до 18 март 2024 година до 24:00 часот.
Сите заинтересирани граѓани на Република Северна Македонија, кои сакаат да извршат увид во своите податоци во избирачкиот список, тоа да го направат по електронски пат на официјалната веб страна на Државната изборна комисија, http://www.sec.mk или на следната адреса: https://izbirackispisok.gov.mk или лично во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија.
Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список се поднесува писмено во подрачното одделение или канцеларијата на Државната изборна комисија на подрачјето на живеење, или по електронска пошта до Државната изборна комисија на следната адреса: upisis@sec.mk .
Подрачните одделенија и канцелариите на Државната изборна комисија за време на траењето на јавниот увид, ќе работат секој ден во периодот 08:00 – 20:00 часот, вклучително во деновите сабота и недела како и за време на празници, а на 18 март 2024 година до 24:00 часот“, велат од Државна изборна комисија.