Силен земјотрес со јачина од 7,4 степени денеска го погоди крајбрежјето на јужните Филипини, соопшти државната сеизмолошка агенција, а Цивилната одбрана соопшти дека најмалку едно лице загинало. Веднаш беа издадени предупредувања за цунами во неколку земји. Луѓето во блиските крајбрежни области беа повикани да се евакуираат во внатрешноста или на повисоки места.
Тихоокеанскиот центар за предупредување од цунами издаде ажурирање околу пладне по локално време во кое се вели дека заканата од цунами на Филипините поминала, откако претходно соопшти дека се можни бранови високи од 1 до 3 метри, иако предупредувањата од други агенции остануваат на сила.
Нема други извештаи за жртви од службите за катастрофи во регионот, но имало првични извештаи за штети на домови, згради и мостови.
Земјотресот беше меѓу најсилните во последните години што ги погодија Филипините, кои се наоѓаат на Тихоокеанскиот „Огнен прстен“ и доживуваат повеќе од 800 земјотреси секоја година.
Земјотресот се случи две недели откако Филипините го доживеаја својот најсмртоносен земјотрес, за повеќе од една деценија, со 74 жртви на островот Себу. Тоа беше магнитуда од 6,9 степени и исто така го погоди крајбрежјето.
Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос помладиот рече дека властите ја проценуваат ситуацијата на терен и рече дека екипите за пребарување и спасување ќе бидат распоредени кога ќе биде безбедно да се стори тоа.