Членовите кои преминаа во ВМРО ДПМНЕ обвинуваат дека партијата „Интегра“ работела во интерес на СДСМ.
Дел од раководството и членството на Интегра премина во ВМРО-ДПМНЕ. Трансферот на заедничка средба го официјализира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и потпретседателот на Интегра, Воислав Зафировски.
Зафировски рече дека лидерот Љупчо Ристовски партијата ја претворил во секта во која не дозволувал да се слушне туѓо мислење сметајќи се себе си за пророк.
-Поголемиот дел од членовите на претседателството вклучувајќи ме мене како потпретседател и меѓународниот секретар на ИНТЕГРА МАКЕДОНСКА КОНЗЕРВАТИВНА ПАРТИЈА, потоа носителот на петтата Изборна единица, координаторот на ИЕ 6, како и бројни носител на различни функции во рамките на претседателството но и во лидерските тимови на ИНТЕГРА одлучивме од денес да поминаме, да се интегрираме во ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај членовите од претседателството, во ВМРО-ДПМНЕ поминуваат поголемиот број претседатели и членови од ОК на ИНТЕГРА од Карпош, Центар, Битола, Штип, Велес, Демир Хисар, Ресен, Новаци, Могила а таква најава има и од поголем број други ОК.
Причината е многу едноставна. Сите ние сме со десничарска политичка ориентација, ние до сега ги застапувавме и ги застапуваме либертаријанските принципи кои подразбираат слобода на мислата, слобода на иницијативноста, владеење на правото подеднакво за сите и се разбира бескомпромисна борба против криминалот во сите негови појавни форми.
Деспотскиот однос на лидерот на ИНТЕГРА Љупчо Ристовски и неговата фикција дека тој е пророк и месија испратен од Бога и неговата фикција дека ќе ја спасува Македонија на еден волшебен начин, ги сруши сите либертаријански принципи за кои заеднички се боревме и настапувавме. Едноставно партијата ја претвори во трговско друштво каде што тој е трговец поединец, ја претвори партијата во некаква секта каде што тој самиот е партијата.
Простете, меѓутоа во такви околности, во такви услови ние одбиваме да работиме и да се декларираме како дел од таа ИНТЕГРА. Затоа сакам да нагласам дека сите се определивме да преминеме во ВМРО-ДПМНЕ и оттука испраќаме повик до сите оние десно ориентирани политички партии, па и оние кои не се десно ориентирани да ни се придружат да направиме блок кој ќе ја реализира онаа идеја која беше присутна уште пред изборите. А таа идеја беше да се сруши оваа власт која ја обезличи и обесчести Република Македонија, истакна Зафировски.
Мицкоски рече дека во периодот кој следи ќе почне процесот на окрупнување на опозицијата во кој повеќе партии и организации ќе се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ.
-Јас сум задоволен затоа што од овој момент практично и во деновите кои што следат ќе биде процес на окрупнување на опозицискиот фронт. Јас би рекол така групации, здруженија на граѓани, поединци, политички партии се оние структури кои што ќе го окрупнат и омасоват опозицискиот блок против оваа мафија која што денеска се наоѓа во Владата.
Еве започнуваме од денеска, но во деновите кои што следат ќе видите и други примери и други случаи на окрупнување на разни структури во рамките на опозицискиот блок, истакна Мицкоски.
https://www.facebook.com/vmromakedonija/videos/661811368037191/