Без ниту еден инцидент и без етнички обележја помина концертот на светската музичка ѕвезда Рита Ора, која синоќа приреди вистински спектакл на охридскиот стадион пред илјадници посетители.
Пејачката, родена во Приштина, а која живее и ја гради својата кариера во Велика Британија, беше пречекана со силен аплауз уште при излегувањето на сцената, а во текот на вечерта ги изведе своите најголеми хитови, создавајќи атмосфера каква што ретко се гледа на домашната музичка сцена.
Организаторите од „Прагма продукција“ се погрижија целиот настан да помине беспрекорно, а вечерта да биде во знакот на музиката, љубовта и добрата забава.
Во обраќањето до публиката, Рита Ора испрати порака за заедништво.
„Ширете љубов. Љубовта нема граници и нема симболи“, им порача таа на присутните.
Публиката возврати со громогласен аплауз и заедно со пејачката ги пееше нејзините хитови од почетокот до крајот на концертот.
Рита Ора откри дека ова е нејзин прв настап во Охрид, но порача дека сигурно нема да биде и последен, оставајќи ја публиката со надеж дека повторно ќе се врати на охридската сцена.