Измрзнати и гладни, во недоизградена куќичка, без елементарни услови за живот, без бања, во импровизирани соби, меѓу ѕидови од голи цигли полни со дупки од каде што постојано дува, без можност за лична хигиена, со расипан шпорет и без греење… Вака преживуваат 39-годишниот Ајнур Симоновски и неговите пет малолетни деца, Алмир, Љубица, Јасмина, Леонора и најмалиот Анџело, кои се без мајка. Мајка им починала минатата година во септември, кусо по породувањето со најмалиот Анџело. „Никогаш нема да ја запознае мајка си“ – вели таткото Ајнур, објави frontline.mk.
И покрај бедата во која едвај преживуваат, Ајнур вели дека најтешко од сè му паѓа што дечињата навечер заспиваат гладни, а наутро не можат да се разбудат од студот.
Самохраниот татко кој едвај постигнува да ги задоволи барем најосновните потреби на петте малолетни дечиња, упати апел до сите добри луѓе, компании, институции, доколку се во можност да им помогнат, за да можат и неговите дечиња да почувствуваат што е вистински дом.