Раководителот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Трајче Пеливанов, е меѓу првите кои го даде својот глас на изборот за нов шеф. На ливчето има четири кандидати, а зад параванот може да се избере помеѓу досегашната шефица Вилма Русковска која бара нов мандат, Деса Пауновска од Вишото јавно обвинителство-Гостивар, скопскиот обвинител Ермон Незири и обвинителот од Гостивар, Ислам Абази за кого јавноста се уште не знае како изгледа, а со тоа и дел од обвинителите кои денеска гласаат. До 09 часот гласале околу дваесетина обвинители.
„Има пет изборни единици. Ова не е нешто ново за обвинителите, вака се бираат совети на советот. Ова е 15 годишна традиција, а првпат се бира шеф на едно обвинителство. Денеска во скопското вишо обвинителство гласаат 91 обвинител од 163 обвинители. Процесот оди одлично. Ова се сигурно посериозно во однос на легитимитетот кој ќе го има, а тој одговара пред сите обвинители. Сите ќе видиме што ќе остави овој избор“, рече Јован Цветановски, јавен обвинител во Вишо јавно обвинителство Скопје, како и претседател на изборната комисија на гласачкото место во Вишото јавно обвинителство.
Кандидатите за шефови имаа соочување на дебата во „А1он“. Се појавија Вилма Русковска, Деса Пауновска и Ермон Незири. Ислам Абази кој моментално е шеф на Вишото обвинителство-Гостивар избега од дебата. Во јавноста се шпекулира дека тој е кадар на ДУИ. Абази се правдаше отсуствува од дебатата поради обврски, па откако оставивме простор сам да избере термин, тој престана да одговара на повиците и пораките. Дел од обвинителите, но и јавноста и медиумите не знаат ниту како изгледа овој обвинител, кој претендира да биде на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Резултатите, односно новиот шеф на ОЈО ГОКК ќе биде познат по завршувањето на гласањето, кое ќе трае до 16 часот, по што Советот на јавни обвинители има рок од седум дена да одржи седница на која ќе го назначи обвинителот што освоил најмногу гласови за нов Јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корпуција.