Силна експлозија одекнала во воена касарна во Боливија, при што има загинати и десетици повредени, а властите предупредуваат дека сè уште постои опасност од нова детонација.
Според боливискиот министер за одбрана, Ернесто Јустинијано, најмалку две лица загинале, а 58 се повредени откако пиротехнички материјал експлодирал во касарната во која е сместен артилериски полк.
Инцидентот се случил во градот Вјача, на околу 30 километри од Ла Паз. Локални здравствени работници, сепак, изјавиле дека постојат проценки оти бројот на загинати би можел да биде меѓу 10 и 15 лица. Овие информации засега не се официјално потврдени.
Поради опасноста од дополнителна експлозија, граѓаните се повикани да се оддалечат најмалку 150 метри од воената база.
Полицијата соопштила дека десетици куќи биле оштетени во експлозијата, додека екипите на итните служби продолжуваат да ги пребаруваат урнатините во потрага по евентуални жртви и преживеани.
Според полициски претставник, пиротехничкиот материјал бил складиран во касарната. Причината поради која дошло до детонацијата засега не е утврдена и е предмет на истрага.
По трагичниот настан, властите во Вјача прогласиле тридневна жалост.