Силниот ветер кој вчера го зафати Скопје предизвика сериозни проблеми во повеќе делови од градот. Од Центарот за управување со кризи информираат дека на бројот за итни повици 112 биле пријавени десетици случаи на паднати дрвја, скинати кабли на ЕВН и оштетувања на приватна сопственост, меѓу кои моторни возила, настрешници и кровови.
Меѓу најтешко погодените локации се булевар „Партизански одреди“ спроти слаткарницата „Палма“, каде паднато дрво оштетило повеќе возила, улицата „Руѓер Бошковиќ“ кај Драмски факултет, улицата „Самоилова“ каде дрво паднало врз струен кабел, како и улицата „Ѓорче Петров“ каде дрво оштетило автомобил.
Пријави има и за паднати дрвја во дворови на училишта и градинки, оштетени кабли со искрења на повеќе локации, како и оштетени семафори и кровови на приватни куќи и згради во изградба. На улицата „Јордан Мијалков“ паднати контејнери целосно блокирале сообраќајница, а во населбата Козле била пријавена запалена бандера.
Сите пријави се проследени до надлежните служби, кои интервенираат по приоритет за надминување на последиците од невремето. Од ЦУК велат дека екипите на терен работат непрекинато за стабилизирање на состојбата и заштита на безбедноста на граѓаните.