Доделувањето на наградите Греми 2026 година ќе се памети по моментот кој стана вирален и ги насмеа публиката и гледачите ширум светот, а во главната улога се најде музичката икона Шер.
Иако Академијата најави импресивен список на презентери, меѓу кои беа Чепел Роан, Тејана Тејлор и Ники Глејзер, вистинското изненадување на вечерта беше 79-годишната пејачка, која требаше да ја додели наградата за Снимка на годината (Record of the Year).
Шер, која ден претходно ја прими Греми наградата за животно дело (Lifetime Achievement Award), излезе на сцената и го започна говорот на необичен начин.
„Не сум баш добра во ова“, рече таа.
„Пред сè, сакам да им се заблагодарам на Академијата што ми ја додели оваа награда за животно дело. И добро е што го направија сега, затоа што имам добри гени, но нема да бидам тука уште долго“, додаде таа.
Пејачката потоа повеќе од две минути зборуваше за својата кариера долга шест децении и им порача на колегите музичари:
„Во оваа професија сум веќе 60 години, но сакам да ви кажам само едно – никогаш не се откажувајте од својот сон, без разлика на сè. Живејте го, бидете тој сон, а ако сега не се остварува, наскоро ќе се оствари“.
Потоа таа збунето погледна околу себе на сцената.
„Тоа е сè што имам да кажам. Веројатно сега треба да одам. Добро, морам да одам“, заклучи таа и тргна кон излезот од сцената, заборавајќи дека нејзината главна задача допрва следуваше – да ги прочита номинациите и да го прогласи победникот.
Додека одеше, водителот на вечерта Тревор Ноа ја застана:
„Шер, пред да заминеш, можеш ли да ни ги најавиш номинираните? Јас би можел, но не е исто. Јас немам такво искуство. Да го поздравиме сите враќањето на Шер!“
Враќајќи се на микрофонот, Шер ги претстави кандидатите, а потоа, по драматична пауза, наместо да го отвори ковертот, само стоеше во тишина. Кога конечно го отвори, за победник го прогласи починатиот Лутер Вандрос (Luther Vandross), кој почина во 2005 година.
„А Греми оди… Ох, рекоа дека ќе биде на екранот“, рече таа, па додаде: „Лутер Вандрос“. Публиката експлодираше во смеење бидејќи пејачот е мртов веќе 21 година.
Шер потоа ја исправи грешката: „О, не, Кендрик Ламар“.
Овој музичар сфати дека победи откако пејачката го изговори името на Лутер Вандрос.
Ламар и SZA ја примија Греми наградата и ја изведоа песната „Luther“ инспирирана од покојниот пејач.