Скопје1 дојде до снимка од палењето на сервисот за возила во Пинтија, што утрово целосно изгоре. На видеото јасно се гледа лице облечено во дуксер со качулка како ја прескокнува оградата и како со канта полева бензин врз паркираните автомобили, по што настанува експлозија и пламените брзо го зафаќаат објектот.
View this post on Instagram
Потсетуваме, пожарот избувна ноќеска нешто пред 04 часот во сервисот лоциран над Стаклара, во местото викано Каменик. Во објектот имало повеќе возила и запаливи материјали, што придонело огнот брзо да се прошири. Екипи на Противпожарната бригада на Скопје со осум возила интервенирале на терен и успеале да го стават пожарот под контрола пред шест часот.
Од Дирекцијата за заштита и спасување утрово информираа дека немало повредени лица, но материјалната штета е огромна.
Со новата снимка, истрагата добива сосема поинаков тек, бидејќи се потврдува дека станува збор за намерно подметнат пожар. Полицијата работи на идентификување на лицето што се гледа на видеото.