Навидум полицајци од сообраќајното одделение на МВР, а дома чувале цел арсенал на пиштоли и пушки. Фотографија на социјалните мрежи им пресуди на двајца припадници на полицијата, кои вчера беа уапсени. „Скопје1“ дознава дека координираната акција при која се запленети пиштоли, пушка, куп рамки и куршуми се реализирала по допрен глас, односно објава на мрежата „Х“.
Полицајците кои се уапсени, со пушките кои ги поседувале се фотографирале во селото Стрима во Липково и се пофалиле на социјалните мрежи. На едната фотографија, сообраќајниот полицаец носи и качулка на глава. Кога МВР дознала за случајот, била координирана и акцијата. Интересно е што истите овие полицајци се фалеле и дека поседуваат скапи, луксузни возила – за кои до овој момент не се знае дали се нивна сопственост. Веќе е утврдено дека оружејто било нивно, но го поседувале без дозвола.
[caption id="attachment_297732" align="alignnone" width="481"]
Алармот по кој се покренала акцијата[/caption]
„При претресот, извршен со судска наредба, во нивниот дом во село Сингелиќ, скопско, беа пронајдени една автоматска пушка, два пиштоли, 19 куршуми 9 мм, еден рап во кој има четири рамки за автоматска пушка, пет празни рамки за автоматска пушка, 125 куршуми калибар 7.62×39, пет куршуми непознат калибар, еден револвер, една празна рамка и шест празни рамки кои ги поседуваат без дозвола. Исто така, при претресот во домот и при преглед на возилото на еден од нив беше пронајдено и друго оружје и муниција кои ги поседуваат со дозвола“, велат од МВР.
Тие ќе добијат кривична пријава, а не се знае дали обвинител побарал да се одреди и притворска мерка.