Денеска е вторник и петти ден откако контејнерите се преполнети и истурени на улиците, вели Стефан Андоновски, советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ на денешната панел-дискусија со наслов „Предизвиците на главниот град и локалната самоуправа како сервис на граѓаните“.
„Доаѓајќи наваму забележав на главните градски улици, не зборувам за споредните затоа што тоа вчера беше кажано дека главните градски улици се чисти и сега се чистат споредните улици, тоа не точно бидејќи денеска поминував на главните булевари во Скопје, нечистотијата е сè уште присутна“, рече тој.
Андоновски посочи дека градоначалничката Арсовска влегла во една клановска битка со политичка партија и во рамките на таа битка одлучила да брка луѓе од работа од „Комунална хигиена“ укажувајќи дека тоа го направила по 2 години од своето стапување на функцијата.
„Градоначалничката Арсовска влезе во клановска битка со една политичка партија и во рамките на таа клановска битка таа се одлучи да брка луѓе од работа од ‘Комунална хигиена’. И, внимавајте, тоа не го направи пред 2 години кога дојде на функција, но таа чекаше една година, прво, со тогашниот директор, па го разреши, па дојде директорката Мазнева и со неа 11 месеци чекаше да види дали овие луѓе биле во Германија или не биле, а во исто време треба да потсетам дека директорката во првите 2-3 недели од своето функционирање имаше еден тек на непродолжување договори на дело затоа што повторно тезата беше овие луѓе не доаѓаат на работа и никој не ги видел“, изјави Андоновски.
Андоновски го коментира блокирањето на општините Аеродром и Кисела Вода да го одложат сметот во депонијата „Дрисла“ потенцирајќи дека тоа јавно претпријатие е на сите граѓани и дека Арсовска намерно ја блокирала акцијата на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ сè со цел да прикаже дека наводно таа го решава проблемот.
„Ова затворање на депонијата ‘Дрсла’ мене ми е очекувано, но мора да се има на ум дека таа депонија е на сите нас. Тоа е јавно претпријатие на сите нас и додаде дека со тоа се блокирала акцијата на градоначалниците. Јас проверував дали депонијата ‘Дрисла’ има работно време, но тие работат 24 часа и може во кое било време да се јавите и да одложите отпад. И со тоа се блокира акцијата на градоначалниците. Зошто? За да може градоначалничката да се размавне и да покаже дека таа го решава проблемот. Тоа беше многу интересно, во 2 часот ноќта таа го решаваше проблемот на следниот начин, багер земен од ЈП ‘Улици и патишта’ ги туркаше контејнерите на улица, поминува друг багер ги собира и ги товара во камиони на ЈП ‘Водовод и канализација’ за потоа, замислете, апсурдот да биде најголем, пратена е пожарна да ги мијат улиците. Значи, пожарникари ги миеја улиците од расфрланото ѓубре од страна на Градот“, кажа Андоновски.
Како што најави Андоновски, на следната седница како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ, ќе побара од надзорните и управните одбори на ЈП „Дрисла“ да поведе постапка против директорот, како и јавното претпријатие „Комунална хигиена“ да достави извештај за работењето за да се виде кои и колку вработени не оделе на работа.
„На следната седница на Советот на Град Скопје ќе побарам од надзорните и управните одбори да поведат постапка против директорот на ЈП ‘Дрисла’, ја имаат таа надлежност, и во исто време ќе побара од надзорниот и управниот одбор на ЈП ‘Комунална хигиена’ да достави извештај за работењето и да видиме кои и колку се тие вработени кои не оделе на работа“, заклучи Андоновски.
Макфакс
