Вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска подвлече дека изминатите години, секоја година на овој ден го подигавме знамето на НАТО како знак на нашите желби.„Денес тоа е знак на нашиот успех – знамето на нашата земја се вее со знамињата на 29 други земји, како членка на најмоќната Алијанса. Успеавме. По 30 години говори, ветувања и надежи. На овој пат, овој успех, не бевме сами. Одевме заедно со огромно мнозинство на наши граѓани, кои не се откажаа и не потклекнаа“, вели во пораката Шекеринска.Таа додаде дека заедно со нашите стратешки сојузници САД, Турција, Велика Британија, Германија, Италија, Норвешка, и со сите останати, како и со нашите соседи и денеска сме обединети во битката против коронавирусот.„Веќе го активиравме НАТО инструментот и ќе ја добиеме помошта која ни е потребна. Честит да ни е денот на Алијансата! Заедно сме посилни! Заедно ќе успееме!“, порача во честитката Шекеринска.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, по повод одбележувањето на 71-от роденден на Алијансата, во упатената честитка подвлече дека Денот на НАТО, од 27-ми март годинава, е и наш ден и го славиме заедно со 29 наши сојузници.„Во услови кога не сите прашања на Балканот се затворени, за нашата државност и за нашите граници веќе нема ниту еден прашалник! Македонски народе, драги сограѓани Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други: Да ни е честита нашата заедничка куќа, што сега е далеку побезбедна. Ослободени од ова гајле, до нас е да си ја уредиме и да си ја направиме успешна, за сите да се гордееме!“, истакна во својата порака министерот Димитров.„Ќе нè биде!“, порача во честитката министерот Димитров честитајќи го денот на формирањето на НАТО Алијансата.