Властите во американската сојузна држава Вашингтон наредија евакуација на околу 60.000 жители поради големите шумски пожари што го загрозуваат градот Спокејн и околните населени места.
Според локалните служби, пожарите досега уништиле повеќе од 600 објекти, меѓу кои семејни куќи и деловни простории. Командантот на противпожарната служба во Спокејн, Том Вилијамс, изјави дека пожарот се состои од три одделни жаришта кои и натаму се шират и претставуваат сериозна закана за областите под наредба за евакуација.
Според најновите податоци, огнената стихија зафатила околу 2.180 хектари земјиште, а пожарникарите сè уште не успеваат да ги стават пожарите под контрола.
И покрај сериозноста на ситуацијата, засега нема информации за загинати или повредени лица. Градоначалничката на Спокејн, Лиса Браун, ја оцени состојбата како „најтешка природна катастрофа што некогаш го погодила регионот“.
Поради пожарите, без електрична енергија останале околу 10.000 корисници, соопштија од енергетската компанија „Ависта Јутилитис“.
Државните власти проценуваат дека низ целата сојузна држава Вашингтон во моментов горат повеќе од 100.000 хектари површина. Гувернерот Боб Фергусон прогласи вонредна состојба за целата држава и побара помош од Федералната агенција за управување со вонредни состојби (FEMA), откако разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп.