Јапонските власти издадоа наредби за евакуација за речиси два милиони жители поради силниот тајфун Дуан, кој донесе обилни врнежи, силен ветер, поплави и свлечишта во поширокото подрачје на Токио и источна Јапонија.
Според најновите податоци на Јапонската агенција за управување со пожари и катастрофи, наредбите опфаќаат 1.908.645 лица во префектурите Ибараки, Чиба, Токио, Канагава, Шизуока и Саитама.
Евакуациските наредби во Јапонија не значат присилно иселување, но при четврто ниво на предупредување властите ги повикуваат жителите на загрозените подрачја да се засолнат на безбедни места.
Според најновите информации, едно лице загинало во градот Ничинан во префектурата Мијазаки. Во Јокосука, по свлечиште, едно лице било пронајдено во состојба на срцев застој, додека во градот Миура едно лице е тешко повредено. Пожарникарите интервенирале и на повеќе други свлечишта.
Особено сериозна е состојбата на островот Изу Ошима, кој административно му припаѓа на Токио. Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување од највисокото, петто ниво, поради опасност од свлечишта и ги повика жителите веднаш да преземат мерки за заштита на своите животи.
На Изу Ошима за само 24 часа паднале 565 милиметри дожд, додека во делови од префектурата Чиба биле измерени речиси 280 милиметри. Метеоролозите предупредуваат на нови свлечишта, поплавување на ниските подрачја, излевање на реките, силен ветер и високи бранови.
Тајфунот предизвика сериозни проблеми и во сообраќајот. Откажани се најмалку 275 летови, меѓу кои и летови на „Japan Airlines“ и „All Nippon Airways“, а нарушен е и железничкиот сообраќај во Токио, Чиба, Ибараки и други подрачја. Со откажувањата биле погодени повеќе од 42.000 патници.
Поради невремето, без електрична енергија во текот на денот останале илјадници домаќинства, а откажан е и последниот ден на „Tokyo Game Show“, еден од најголемите светски саеми за видеоигри.
Според „Ројтерс“, обилните врнежи веќе го зафатиле архипелагот Изу, Чиба и други подрачја долж пацифичкиот брег. Метеоролозите предупредуваат и на можноста за создавање тесни појаси со исклучително силни врнежи, кои за кратко време можат да предизвикаат поројни поплави и свлечишта.
Дуан е 25-та именувана бура сезонава во западниот Пацифик. Јапонската метеоролошка агенција денеска измерила максимална постојана брзина на ветерот од околу 144 километри на час, со налети до речиси 200 километри на час. Центарот на тајфунот се движел кон североисток во близина на архипелагот Изу и подрачјето на Токио.